Архуската Конвенција е меѓународен договор кој регулира значајни прашања од областа на животната средина склучен помеѓу земјите на UN/ECE регионот (во кој влегуваат земјите од Европа, Новите независни држави од бившиот Советски Сојуз, вклучувајќи ги и тие од Централна Азија и Регионот на Кавказ) кој досега го имаат потпишано 45 држави и е ратифкуван е од страна на 27 држави. Конвенцијата е усвоена на 25 Јуни 1998 во Данскиот град Архус по кој го добила и своето име-АРХУСКА КОНВЕНЦИЈА.
Република Македонија ја има ратификувано оваа Конвенција на 14 Јули 1999. Таа стапи на сила на 30-ти Октомври 2001 година. Според тоа Република Македонија е обврзана да се погрижи за доследна имплементација на истата.
ШТО РЕГУЛИРА АРХУСКАТА КОНВЕНЦИЈА?
Со оваа Конвенција се направи чекор напред во поглед на регулирањето на односот на релација човекови права и заштитата на животната средина. Таа регулира три многу важни прашања од областа на животната средина, таканаречени три столба:
1. Право на пристап до информации од животната средина
2. Право на учество на јавноста во процесот на донесување на одлуки од областа на животната средина и
3. Право на пристап до правда за прашања од областа на животната средина.
На прво место Архуската Конвенција во членот 4 и 5 говори за правото на пристап до информации од областа на животната средина, или како уште се нарекува меѓу експертите “правото да се знае”. Таа го регулира правото на јавноста да биде информирана од страна на надлежните органи за прашања од областа на животната средина. Според тоа, овој прв столб регулира два аспекта на пристапот до информации од областа на животната средина:
- прво, правото на јавноста да бара информации од областа на животната средина и обврска на надлежните органи да ги обезбедат информациите, и
- второ, право на на јавноста да добива информации од областа на животната средина и обврска на надлежните органи да собираат и објавуваат информации, без одредено барање притоа. Првиот е таканаречен “пасивен” пристап до информациите и за него се говори во членот 4 од Конвенцијата, додека вториот “активен” пристап до информациите е регулиран во членот 5 од Архуската Конвенција.
Во членот 2 каде се дефинираат поимите на оваа конвенција се вели:
“Поимот информација во врска со животната средина ги означува сите информации во писмена, визуелна, аудио, електронска или која и да е друга материјална форма, а во врска со:
a) Сотојбата на елементите на животната средина, како што се воздухот и атмосферата, водата, почвата, земјиштето, пејсажните и природните локалитети, биолошкиот диверзитет и неговите компоненти, вклучувајќи ги и генетски модифицираните организми, и интеракцијата помеѓу овие елементи;
б) Факторите, како што се супстанциите, енергијата, бучавата и радијацијата, и активностите или мерките, вклучувајќи ги и административните мерки, спогодбите, политиките, законодавството, плановите и програмите за заштита на животната средина, што во моментов или евентуално во иднина ќе ги засегаат елементите на животната средина, во смисла на алинеја (а) од овој член и анализите на исплатливоста и останатите економски анализи и претпоставки што се користат при донесување одлуки за животната средина;
в) Состојбата со здравјето и безбедноста на луѓето, животните услови на луѓето, културните локалитети и објекти, во онаа мерка во која што истите се или би можеле да бидат засегнати со состојбата на елементите на животната средина или преку овие елементи со факторите, активностите или мерките од алинеа (б).”
Ова е всушност иницијалниот чекор на кој се надоврзуваат вториот и третиот столб на оваа конвенција.
Понатаму во неа се вели дека бараната информација од областа на животната средина треба да се стави на располагање што поскоро, а најдоцна во рок од еден месец по доставувањето на конкретното барање, но не подоцна од 2 месеца за што треба да биде известен барателот на информацијата.
Во членот 5, 6 и 7 Архуската Конвенција го регулира правото на јавноста да учествува во процесот на донесување на одлуки за прашања од областа на животната средина или уште нарекувано “право да се учествува”.
Имено, ова право се остварува на три начина: прво заинтересираната јавноста да може да учествува во процесот донесување на одредени одлуки од областа на животната средина кои можат да влијаат на неа, второ јавноста да учествува во процесот на креирање на разни програми и политики од областа на животната средина и трето јавноста да учествува во процесот на создавањето на правната регулатива од областа на животната средина, како што се законите, подзаконските акти и др.
Како многу битен момент, оваа конвенција го регулира доследно и прашањето на активното учество на јавноста во горенаведените активности на надлежните органи. Со ова јасно е потенцирано дека јавноста треба да смета како партнер на власта во процесот на донесување на било какви одлуки од влијание за неа.
Под поимот заинтересирана јавност се подразбира онаа јавност која е засегната и тоа во моментот или во иднина, со што има интерес во донесувањето на одлуките за животната средина. Во конвенцијата се вели дека ќе се смета дека интерес имаат и невладините организации што ја унапредуваат заштитата на животната средина и што исполнуваат кој и да е услов поставен во националниот закон.
Третото исто така важно прашање кое го регулира Архуската конвенција е правото на пристап до правда за прашања од областа на животната средина.
Така во членот 9 се вели дека секое лице што смета дека неговото право од првиот и вториот столб на оваа Конвенција се повредени, има право да поведе судска постапка. Според Конвенцијата, ова право го имаат субјектите на засегната јавност што имаат доволен интерес.
Според Конвенцијата, невладините организации кои ги исполнуваат барањата од член 2 став 5, имаат “доволен интерес”. Меѓутоа за другите лица, меѓудругото и поединците, според Конвенцијата степенот на доволен интерес треба да се одреди во согласност со условите на националното право и доследно со целта на засегнатата јавност да и се дава широк пристап до правдата.
Третиот столб, како последен стои во редот со цел да се искористи ако “засегнатата јавност” смета дека постои некаква неправилност при практичната примена на првиот и вториот столб од оваа конвенција.
ПРОЦЕСОТ ПРЕД СТАПУВАЊЕ ВО СИЛА
Во периодот помеѓу самото потпишување на Конвенцијата во 1998 и стапувањето во сила пак од друга страна, потребно беше да се исполни условот кој е наведен во конвенцијата во член 20 во кој се вели дека оваа конвенција ќе влезе во сила на 90-тиот ден од датата на депонирање на 16-тиот инструмент на ратификација, прифакање, одобрување или пристапување. Тоа значи дека кога 16-тата земја потписничка ќе ја усвои оваа конвенција преку постапката одредена за тоа во секоја земја посебно, а од страна на законодавниот орган, и кога таа ќе го достави својот инструмент за ратификација до Депозитарот, кој во овој случај е Генералниот Секретар на Обединетите нации, тогаш после 90-тиот ден Конвенцијата ќе стапи на сила и ќе биде правно обврзувачка за оние држави што ја ратификувале, прифатиле, одобриле или пристапиле кон неа.
Архуската Конвенција стапи на сила во октомври 2001 година. |